ВМРО-ДПМНЕ: Народот скапо ќе го плати енергетскиот колапс

„…Само за три дена државата купи струја во износ од 9 милиони евра, а истата количина електрична енергија можеше да се произведе во нашите капацитети за 4,5 пати поевтино.

Досега имаме добиено пет опомени од Европа заради недозволено повлекување на струја и за тоа ни претат со милиони евра казна. Тоа значи дека домашните апаши почнаа да крадат струја и од Европа“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата предупредуваат дека сето ова народот ќе го плати скапо, прво преку трошење пари од буџетот, а потоа преку повисоки сметки.

„ Владата ќе префрли неверојатни 4 милијарди денари народни пари на ЕСМ и МЕПСО за да го покрие нивното неодговорно работење и неспособноста на менаџерскиот тим.

Само за споредба овие пари се колку 5,3 годишни буџети на Министерство за екологија, или 17 буџети на Министерството  за култура, или 20 буџети на Центарот за управување со кризи, или 133 буџети на Инспекторат за животна средина, односно 60 отсто од буџетот на Министерството за здравство.

Ете толку чини криминалот на власта на Заев. Ете толку чини нивната неспособност. Заев и неговата власт се извор на кризи и проблеми и не може да бидат решение за истите. Колку побрзо заминат од власт, толку подобро за Македонија“, се вели во реакцијата.