Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека македонскиот премиер ги потврдил сомневања дека средбата во Тирана што ја организираше премиерот Един рама со челниците на партиите на Албанците во Македонија била со цел спасување на политичките кариери на Ковачевски и на Ахмети.

„Вчера Димитар Ковачевски ја пофали средбата во Тирана, но не и соопшти на јавноста што се доби на маса за спас на владата.

Јасно е дека средбата во Тирана не беше само за новогодишен ручек, туку за спас на владината коалиција на СДС и ДУИ.

Дали Ковачевски треба да прифати нови национални предавства, или пак на маса му се ставени нови бизнис интереси на ДУИ?

Нека се охрабри пиунот Димитар Ковачевски и нека каже што задачи доби од Али Ахмети и Еди Рама.

Пиунот Ковачевски ќе прифати се што ќе му дадат, знаејќи дека неговиот рејтинг се движи во статистичка грешка и граѓаните секој ден се помалку и веруваат на оваа влада.

Доколку СДС и ДУИ сметаат дека се што прават е за доброто на граѓаните, наместо средби во други држави, нека се охрабрат и нека закажат средба со граѓаните на предвремени парламентарни избори.

Само договор со граѓаните е за доброто на државата, ама после сите предавства и криминали кои ги направија, свесни се дека граѓаните ќе ги казнат за сите национални разнебитувања“, се вели во соопштението од партијата.