ВМРО-ДПМНЕ ги подготвува документите кои треба да се поднесат до Министерството за правда за да може да почне собирањето потписи за поништување на законот за попис.
Но, доколку меѓувреме се повлече предлог-законот и не се изгласа, може и да не дојде до тоа, најави денеска портпаролот на опозициската партија Наум Стоилковски.
ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање потписи за поништување на Законот за попис. Потписите ќе се собираат преку подрачните одделенија на Министерството за правда веднаш по објавувањето на законот во Службен весник. Во тек е и електронска петиција за да се подигне свеста кај власта за последиците од најголемата статистичка операција. Обвинуваат за фингиран попис кој ќе биде резултат на политички пазарења на СДСМ и ДУИ.
„Таа акција ќе биде спроведена онака како што треба, преку подрачните единици на Министерството за правда, луѓето ќе може да се потпишат во подрачните единици низ градовите, а бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство. И целта е тоа, да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција – попис, поддржана од сите“,рече Стоилковски на прес-конференцијата.