ВМРО-Бугарско национално движење најави протест за в недела од 11 часот во Благоевград против отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ еден час подоцна.
„Ние од ВМРО категорично се противиме на создавањето центар на антибугаризмот кај нас, како и на обидите за промовирање на сепаратизмот на територијата на Бугарија. Употребата на името на Никола Јонков Вапцаров и наметнувањето странски национален идентитет е апсолутно неприфатливо и е дефинитивна провокација кон бугарската држава и бугарските граѓани. Уставот на Република Бугарија експлицитно вели дека нашата земја е еднонационална“, се вели во повикот од партијата чиј сопретседател е европратеникот Ангел Џамбаски.
„Сега е време да се каже: Да го запреме дрскиот србокомунистички македонизам, кој очигледно лази и расте со поддршка на розовите либерални бели јаки во Брисел!“, порачуваат од ВМРО-БНД.
„Ги повикуваме членовите и симпатизерите на Организацијата, како и сите будни бугарски граѓани, да ни се придружат в недела на 30 октомври во Благоевград, каде што ќе ја развееме бугарската тробојка против антибугаризмот, омразата и кражбата на историјата, кои владеат во Северна Македонија со децении. ВМРО нема да дозволи срцето на Пиринска Македонија да стане поле на омраза искористено за грди политички цели. Нашиот национален интерес мора да биде заштитен, затоа примарна задача на секој вистински Бугарин мора да биде да дојде на споменикот на Георги Николов Делчев в недела во Благоевград, каде што заедно ќе се спротивставиме на македонизмот и ќе ги заштитиме сопственото минато, сегашност и иднина!“, стои во повикот на вонпарламентарната партија.
Градоначалникот Илко Стојанов, пак, објави дека нема да присуствува на отворањето, иако добил покана за „приватниот настан во приватен објект“, како што го нарекува.
„Благоевград отсекогаш имал дух на гостопримство и бил центар на различни култури без никакво спротивставување меѓу нив. Сите граѓани на Република Северна Македонија се добредојдени во Благоевград, само да не го претворат нашиот град во поле за конфронтација, омраза и политичко изразување“.