ВМРО-БНД бара прекин на преговорите на ЕУ со Македонија, „со која продолжуваат да владеат сталинисти“?!

Партијата ВМРО-Бугарско национално движење бара од Министерството за надворешни работи на Бугарија да се прекинат преговорите за пристапување на Македонија во Европската унија поради наложеното преименување во рок од 90 дена на клубовите „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.

„Како е можно да се бара фашизам или поттикнување омраза кај Иван Михајлов, на пример? Роден во Македонија, овој човек замислуваше народите од неговиот роден крај да живеат како во една Швајцарија на Балканот. Но, србоманските елити не можат да го прифатат тоа зошто тој не го прифати вештачкото и насилно наметнување на македонскиот етникум и јазична норма.


Во однос на Цар Борис Трети денес ни соросоидните ‘историчари’ не можат да сокријат дека и тој бил свесен за посебноста на македонската борба и немал проблем ниту со слоганот за самостојна Македонија. Дури и кога Софија и Скопје конечно беа заедно во 1940-тите. Индикативна ќе остане сцената во која царот е кренат на рамениците на македонските дејци, меѓу кои и таткото на модерната македонска поезија, легендата Кочо Рацин“, се вели во образложението на барањето од партијата чиј сопретседател е бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

„Иван Михајлов и Цар Борис Трети не биле фашисти, но едно е јасно: сталинистите продолжуваат да владеат во денешна Македонија. А за тоа единствени се радуваат неосталинистите во денешна Москва. Ќе примат во утрешната наивна Европска унија еден нивен чудесен агент во лицето на скопската политичка елита.
Ќе дозволиме ли?“, прашуваат од вонпарламентарната партија што го даде поранешниот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.