Влатко Стефановски: Нема да има северно македонско девојче, сигурно

Македонскиот рок, поп и џез музичар и еден од основачите на групата „Леб и сол“, Влатко Стефановски, во интервју за „Спутник“ изразува увереност дека „македонско девојче“ ќе си остане такво и нема да стане „северномакедонско девојче“ и по евентуалната промена на името на државата во Северна Маедонија.

„Тоа не знам, право да ви кажам. Процесот уште не е завршен, ќе видиме како тоа ќе заврши. Нема да има ‘северно девојче’ сигурно. Песната ќе остане песна и така што не знам што да ви кажам на таа тема. Прилично сме блокирани од сите страни. Се надеваме дека, сепак, ќе ги пробиеме сите тие блокади и ќе тргнеме кон некој подобар живот“, изјави Стефановски.

Прашан „како денешна Македонија се оддалечи од онаа Македонија што ја обожававме низ песната и музиката, а ја обожаваме и ден-денес“, великанот на гитарата одговори: „Па, не мислам дека се оддалечила. Таа е таму каде што беше. Но, знаете како е: мала земја, нова демократија, учиме некои нови чекори, учиме некои нови техники на преживување и на некој пат сме, кој е многу трнлив и тежок. И ќе видиме каде ќе стигнеме. Како и сите балкански нации и сите млади држави, сите се борат со некои демони. Се надевам дека ќе се избориме на крајот“.