Огромни 733 милиони евра власта планира да потроши на дискрециони трошоци наредната година. Само за споредба, во 2009 година кога имаше светска економска криза оваа сума во буџетот изнесуваше 370 милиони евра, а кога имаше европска должничка криза тие биле проектирани на 375 милиони.
,,Во услови на воена, енергетска и економска криза во Европа, власта за повеќе од половина ја зголемува оваа сума што е крајно несериозно, недомаќинско и расипничко трошење на средставата на граѓаните”, обвинува опозицијата.
,,Расипничкото трошење на власта продолжува и наредната година, односно во 2023 година и во услови на тешка криза, Власта проектираше над 700 милиони евра за договорни услуги кои се всушност дискрециони трошоци на функционерите”, обелодени потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во ТВ дуелот во емисијата Само Вистина со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според проценките огромен дел од овие пари ќе бидат потрошени на покривање на хонорари на клиентелистите на СДСМ и ДУИ и на тимот за пропаганда кој на социјалните мрежи и медиумите треба да ја фалат владата.