Владина меѓуетничка кавга за директори во ,,Македонски шуми”

Лидерката на ЛДП Моника Зајкова одговори на обвинувањата од функционер на ДУИ во ЈП Македонски шуми дека нема Албанци раководители во ова јавно претпријатие.

Невообичаениот напад од Зајкова која почна да користи етничка проблематика за јавна дебата се случува на најмногу десетина месеци пред следните избори.

Кадарот на ДУИ Сафет Мифтари го обвини кадарот на ЛДП Валентин Груевски дека ги дискриминирал албанците на што Зајкова одговара дека ДУИ нема право да зборува за етничка дискриминација затоа што во раководството на партијата нема ниту еден Македонец.

,,Никогаш во животот не сум ги делела луѓето според вера, етничка припадност, род, пол, сексуална ориентација, родов идентитет, партиска припадност итн…

Во случајот не се работи за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби и др… туку исклучиво за партиски интереси и поени..

Дали ако имаме врвен доктор Македонец не треба да работи на клиника или да ја раководи само затоа што е Македонец?

Или ако имаме врвен архитект Албанец, Турчин, Ром, Бошњак, Влав итн.. не треба да добие работно место во областа затоа што според балансерот треба да е Македонец?

До кога ќе ги делите луѓето по етничка основа, партии, проценти и балансери, место по квалитет, а притоа ќе зборувате за дискриминација?!?

Доколку кој било во ЛДП има што било против Албанците или било која друга етничка заедница немаше во своите раководни структури да има Албанци и припадници на други етнички заедници, на кои особено сум горда за придонесот кој го даваат.

Еве ако одиме на етничка дискриминација го прашувам раководството на партијата од каде доаѓа Мифтари колку Македонци и припадници на други етнички заедници имаат во раководната структура на партијата?!?

До кога ќе молчат за институциите кои ги раководат, а ќе клеветат дека немало Албанци во институција која ја раководи Македонец само затоа што нема директори на подружници од нивната партија?

До кога ќе молчат за дискриминацијата која ја трпат другите маргинализирани групи во државава?

До кога ќе се делиме?

Кој/кого дискриминира?!?

Играњето на етничка карта на никому не му носи ништо, а најмалку напредок во едно општество.

За останатите наводи ако има докази и факти, нека ги достави до надлежните органи.
Одговорноста има име и презиме и никој нема да е заштитен за злоупотреба направена врз Буџетот на државата, за кој придонесуваат единствено граѓаните”, одговори Зајкова на Мифтари и отвори војна за етничките поделби во власта.

,,Омраза, занемарување, дискриминација врз етничка основа и бројни злоупотреби на службената должност, се само дел од обвинувањата на заменик-директорот на „Национални шуми“, Сафет Мифтари, за директорот Валентин Груевски.

Повеќе детали за случајот

Обвинување: Национални шуми ги дискриминира Албанците