Митрополитот на дебарско-кичевската епархија при МПЦ ОА и портпарол на Синодот, Владиката Тимотеј, по денешната седница изјави дека се надеваат и очекуваат до крајот на месецов Српската православна Црква до Вселенската патријаршија да го испрати предлогот за автокефален статус на МПЦ.

„Црква за која се бара да биде предложена за автокефален статус треба да исполнува 9 или 10 точки. Ние очекуваме за нас, тоа да го направи матичната црква од која се одделуваме, во конкретниот случај СПЦ. Таа да предложи до Вселенската патријаршија доделување автокефален статус, што треба да го одобрат сите православни цркви, а потоа Вселенскиот патријарх да издаде Томос кој треба да биде потпишан од него и од епископот на СПЦ, изјави владиката Тимотеј.

Тој не смета дека со тоа што се прифатил предлогот од СПЦ, за автономија како од 1959 година, дека е враќање назад, туку дека е чекор напред и логичен след на работите што треба да не одведат до моментот за утврдување на автокефалниот статус.

Тој информира уште дека Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на денешната седница одлучил да ја прифати поканата за сослужување со Српската православна црква, што ќе треба да се случи утре во Белград. Делегацијата ќе ја предводи македонскиот епископ Стефан и тројца владици од повозрасните во Синодот.

„ Ја прифативме поканата од страна на српскиот патријарх, односно Соборот на СПЦ за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи утре во Соборниот храм посветен на Свети Сава, вели владиката Тимотеј.

Владиката Тимотеј уште информира дека денеска епископот Стефан му напишал писмо на Вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое му се заблагодарил за чинот на признавањето на ерархијата и канонскиот статус на МПЦ ОА и за поканата на верскиот празник Педесетница, да присуствува на заедничка литургија во Вселенската Патријаршија.