Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера во „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека се надева оти корекциите што во последен момент ги усвои бугарскиот парламент во одлуката за прифаќање на францускиот предлог „даваат основа за да има разбирање за нашите позиции во процесот“.
Османи индиректно најавува дека и покрај тоа што Ковачевски во Брисел го одби предлогот на Макрон сепак владата може да го прифати истиот до 30 јуни.
Како причина за промената на ставот се посочува на наводна промена на бугарските позиции кои вчера реално беа радикализирани со одлуката на бугарскиот парламент.
,,Секако дека и бугарските позиции се земени предвид во дефинирање на овој пакет, бидејќи за да даде согласност Бугарија сакаше да ги види и своите позици”, рече вчера Османи.
Османи посочува на промена на бугарската позиција донесена на седницата на бугарскиот парламент вчера каде во последен момент беше интервенирано во една од одредбите на предлогот поднесен од лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, која се однесува на споменувањето на Договорот од 2017 година и протоколите што произлегуваат од него во Преговарачката рамка.
Оваа промена нема никакво значење и не ги менува радикалните шовинистички позиции на Бугарија но Османи и владата очигледно бараат било каква причина за да го прифатат предлогот на Макрон.
Во предлогот што вчера помина на Комисијата за надворешна политика, конкретната одредба, која е меѓу условите под кои Народното собрание ѝ дава мандат на владата да го одобри францускиот предлог, гласеше:
– вклучување референца за двостраните протоколи според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во Преговарачката рамка.
Со корекцијата што беше направена денеска на пленарната седница, оваа одредбата беше преформулирана на следниот начин:
– впишување референца за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и протоколите од заседанијата на заедничката комисија по член 12 од тој договор во Преговарачката рамка, во врска со одобрувањето од Советот на ЕУ на заедничките позиции за меѓувладините конференции ЕУ-Република Македонија.
Корекцијата во оваа одредба коинцидира со фејсбук-објавата од вчера изутрина на министерот за надворешни работи Османи, во која порача:
„Два збора стојат помеѓу успехот и неуспехот на Европската унија во регионот. Зборот ‘протокол’ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот ‘отворање’ во параграф шест од заклучоците на советот. И двата збора не се во францускиот предлог како финални решенија туку се ставени (дел од нив и во заграда) како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија. Усвојувањето денес на резолуцијата во бугарскиот парламент, во која се потенцираат токму овие две прашања, ќе го блокира долгорочно европскиот процес и, воедно, ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство на долг рок“, напиша Османи кој најавува дека „Ако има финален предлог, ќе ги консултираме институциите“.
На прашањето во емисијата „360 степени“ кога се очекува финален француски предлог, Османи рече дека француското претседателство истекува за неколку дена и дека владата е отворена да ја разгледа таа верзија доколку пристигне.
„Француското претседателство е до 30 јуни, тоа значи дека во наредните денови, доколку тие се решат за нов предлог, согласно овие ставови на двете страни кои беа и јавно објавени, ние сме отворени да го процениме. Доколку добиеме предлог, ќе бидат консултирани институциите и ќе донесеме решение. Апсолутно нема да се водиме од хибридни напади, од разочарани политичари кои сметаат дека можат да вратат кариера на бранот на јавното расположение. Ние сме избрани да водиме и ќе водиме доколку сме убедени дека тоа е политика која води напред за граѓаните и државата“, порача Османи, јавува 360 степени.