Владата распишала оглас кој ќе трае само три дена за нов директор на Геолошкиот завод, зошто се брза?

На Владата и се брза да избере директор на Геолошкиот завод. Распишала оглас за именување на прв човек на таа државна институција, на кој потенцира дека огласот ќе трае само три дена и ќе заврши утре, односно на 24 август оваа година.

Не е јасно зошто е потребно ова брзање, особено ако се има предвид дека огласите на кои се избираа директори на други државни институции траеја по 15 дена. Огласот е објавен на веб страницата на Владата, како и во еден дневен весник.

Владата во огласот навела дека лицата што ќе конкурираат за оваа позиција, треба да исполнуваат неколку услови, а тие се да се државјани на земјава, да немаат со правосилна судска пресуда казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, да имаат најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од областа на геологијата, да имаат минимум пет години работно искуство, како и да поседуваат еден од меѓународно признатите сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години.

Како дополнителни критериуми се кандидатот да го опише кариерниот развој, мотивацијата, дали ги познава законите кои се однесуваат на институцијата со која ќе раководи, кои се неговите размислувања, кои ризици ги очекува, како да биде успешен и слично.

Во огласот се вели и дека коефициентот за пресметување на платата е утврден согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата, како и дека рокот за пријавување е три дена.

Инаку, на веб страната на Геолошкиот завод стои дека директор на Геолошкиот завод е Баара Науаф, кој живее во Тетово, а роден бил во Јордан во 1964 година.

Линк до целиот текст.