Владата прогласи кризна состојба – што значи тоа

Владата на Република Македонија на денешната 95-та седница, која се одржа изутринава во 8:30 часот донесе Одлука за прогласување кризна состојба на територијата на Република Македонија во траење од 30 дена…

Во Законот за управување со кризи кризната состојба е дефинирана како состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.

Законот ѝ овозможува на Владата да носи oдлуки за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба, објави Алсат.

Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата.

Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон.

По барање на Владата можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.

Законот предвидува дека со дел од своите сили може да учествува и Армијата во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на земјата, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување.

Начинот на учество на дел од Армијата во кризна состојба се уредува со пропис кој го донесува претседателот.

Доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.