Владата поддржа членство на Финска и Шведска во НАТО, на ред е Собранието

Во собраниска процедура се пуштени предлог-законите за ратификација на протоколите за членството на Финска и Шведска во НАТО, соопштија од Владата.

Со ова се создаваат формални правни услови по стапувањето во сила на протоколите двете земји да пристапат во Алијансата.

„Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и членовите на Владата отворено ја поддржаа иницијативата на Шведска и Финска за членство во НАТО и уште во мај беше дадена согласност за прием на Република Финска и Кралството Шведска за нивно членство во Северноатлантската Алијанса“, соопштија од владата.

Протоколите за пристапување на овие две земји во НАТО беа потпишани во Брисел на 5 јули од претставниците на државите-членки.

Двете земји досега водеа воено неутрална политика, но по руската инвазија врз Украина го променија ставот.