Владата повторно, и оваа година, ќе им подели државни пари на весниците во земјава, што се прави со цел да им се помогне на печатените медиуми. Она што е новина е дека годинава тие ќе добијат повеќе средства од минатата година, кога вкупно 11 весници поделија близу 500 илјади евра.

На својата веб страница Владата распишала јавен повик за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2022 година, а рокот за пријавување е седум дена и трае до вторник идната недела, односно 20 декември.

Јавниот повик го објавува Генералниот секретаријат на Владата, а право на учество, како што е наведно, ќе имаатпечатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања, регистрирани на територијата на земјава.

Како што се објаснува во огласот, учесниците на јавниот повик се должни да достават документирани докази за направените трошоци за печатење и за дистрибуција на печатениот медиум за календарската 2021 година, потврда од Управата за јавни приходи за платени јавни давачки за таа година, потврда дека не е отворена постапка за стечај или ликвидација, потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не мy e изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство, потврда дека не мy e изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност, потврда дека со правосилна пресуда нe мy e изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, потврда за регистрација на печатениот медиум во Регистaрот на издавачи на печатени медиуми од АВМУ, потоа, писмена изјава заверена кај нотар на одговорното лице дека печатениот медиум печател и дистрибуирал на пазарот најмалку три години до денот на објавувањето на јавниот повик, како и писмена изјава заверена кај нотар на одговорното лице дека печатениот медиум последните три години во континуитет се продавал на пазарот.

Еден корисник може да поднесе само едно барање за користење на средствата од програмата.

Како што навеле во огласот, постапката за избор на корисниците на средствата ја спроведува комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат, а согласно критериумите кои претходно ги наведовме и за кои се бара доставување на докази.

„Висината на одобрената поддршка ќе биде дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања“, се вели во повикот.

Притоа, се наведува дека поддршката ќе се додели на печатените медиуми кои се издаваат на македонски јазик во висина до 50 отсто за направените трошоци за печатење и дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина до 70 отсто за направените трошоци за печатење и дистрибуција.

Тоа значи дека печатените медиуми за годинава ќе добијат повеќе пари од лани, ако се има предвид дека тогаш се одобрија по 40 отсто од трошоците за македонските, и 50 отсто за албанските медиуми.

Инаку, во јуни годинава, Генералниот секретаријат на Владата, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми организираа јавна дискусија на тема како да се обезбеди системска поддршка на печатените медиуми.

Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, тогаш рече дека подемот на новите технологии ја смениле и реалноста на медиумскиот простор, што се одразило врз квалитетот на информирање и особено врз финансиската одржливост на печатените медиуми. 

Владата од 2018 година, преку годишни програми обезбедува финансиска поддршка за печатените медиуми, а веќе размислува и за модел за континуирана системска поддршка.

Претставниците на АЗНПМ, ЗНМ и на печатените медиуми укажаа на важноста од подобрување на социјалниот статус на професионалните новинари и амбиентот во кој тие работат, апелирајќи за зголемување на продукцијата, квалитетот на медиумските содржини и производи и бројот на новинари вработени во овие медиуми. Тогаш се договори да се бара модел за предлог-законско решение за нивна поддршка, што би се разгледувало низ дебата во наредниот период.

Инаку, во декември лани Владата информираше дека ја донела Одлуката за одобрување средства од Буџетот за 2021 година за реализација на Програмата за поддршка за печатените медиуми, која што се реализира по четврти пат.

„Програмата за поддршка за печатените медиуми е покрената со цел да ја поттикне разновидноста на изворите за информирање како и да обезбеди одржливост на постоењето на овој традиционален вид на медиуми, наспроти брзо растечката дигитализација и во согласност со праксата која е присутна во многу земји и којашто е препорачана и поддржана од ОБСЕ и од меѓународните медиумски организации“, наведе Владата лани во декември, по носењето на својата одлука.

Тогаш, од вкупно 11 пристигнати барања, сите беа одобрени, а на овие 11 печатени медиуми им беа распределени, согласно критериумите, 30 милиони денари, и со тоа се исплатени сите средства предвидени во Буџетот за 2021 година за поддршка на печатените медиуми. Односно, станува збор за сума од близу половина милион евра, или прецизно 488 илјади евра.

Финансиска поддршка беше доделена на оние печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените за 2020 година.

Согласно предвидениот буџет за 2021 година, на печатените медиуми на македонски јазик им се исплатени средства во висина од 40 отсто за направените трошоци за печатење и дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 50 проценти за направените трошоци за печатење и дистрибуција, информира тогаш Владата.