Владата ќе консултира, па може ќе ги објави имињата на „тајните“ хонорарци

По консултација со надлежните институции за заштита на лични податоци и за пристап до информации од јавен карактер и ако е дозволено, Владата ќе ги објави имињата на сите 58 лица што се ангажирани како хонорарци во декември, изјави денеска портпаролот Мухамед Хоџа на новинарско прашање околу „тајните хонорарци“, за кои објави „Призма“.

„Нема ниту тајни, ниту анонимни хонорарци, ниту тајно ангажирани административни службеници. Точно се знае за што Владата ангажирала физички лица надвор од редот на вработените, за кој временски период, со колкав финансиски надомест. Тие ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост. Тоа се специфични ангажмани кои не може да се реализираат од редот на вработените и за нив не може да се отвори редовен работен однос и затоа се ангажирани привремено“, одговори Хоџа.