Владата и комисијата ја кријат договорената “историска вистина” со Бугарија – пишува Митко Панов

За политичката методологија и догматизирањето на „историската вистина“ – или како македонскиот дел од комисијата за историски прашања западна во ќорсокак со Гоце Делчев!

„Доколку ние чествуваме затоа што Гоце Делчев бил Бугарин, тоа нема основа за Македонија и за македонските граѓани, нема основа да чествуваме такво нешто“.

Ваквата изјава на членот на македонскиот дел од мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања (Алсат ТВ, 1.08.2019), навидум претендира да упати на некаков цврст став во контекст на политичките очекувања за што поскорешно постигнување согласност околу идентитетот на Гоце Делчев.

Изјавата би била сосема правилна и соодветна, доколку претходно истиот член на комисијата, како и целиот нејзин состав, со леснотија не придадоа „бугарски“ карактер на прогласената „заедничка“ средновековна историја, аналогно на што ја утврдија „бугарската“ идентификација и на цар Самуил и на Самуиловото царство.

Според категоричниот принцип манифестиран од членот на комисијата, тоа би значело дека тој и комисијата всушност ја лишиле Република Македонија и македонските граѓани од основата за чествувањето на цар Самуил! Тоа впрочем веќе јавно го соопшти и колегата од бугарскиот дел од комисијата, проф. Иван Илчев, кој изразувајќи задоволство од постигнувањето на договорот на комисијата за средновековието и за Самуил, истакна дека „Грците ги лишија од античката историја, а ние со Самуил практично ги лишуваме од основниот темел на средновековната историја“ (ТВ Европа, 24.02.2019).

Ваквиот апсурден исход упатува на крајно несоодветните позиции на македонскиот дел од комисијата, што се должи на погрешниот научен и методолошки пристап, а во крајна линија и на непознавањето на историските феномени од средновековието и нивното проектирање во 19 и 20 век, при научните аргументирања и дебатирања со бугарските колеги.

Прифаќањето на методологијата на работата на комисијата која единствено е заснована на утврдување на „заедничката“ историја, од што се извлекува селекцијата и идентификацијата на личностите и се дефинираат историските процеси, неминовно ги доведе македонските членови во мошне нелагодна позиција со актуелната дебата за идентитетот на Гоце Делчев.

Тоа за мене беше сосема очекувано на што веќе укажав, имајќи ја предвид брзината и леснотијата со која комисијата всушност ги прифати бугарските национални историографски интерпретации при утврдувањето на „заедничкото“ средновековие.

И додека бугарските колеги во јавните изјави укажуваа/т дека ја бранат сопствената национална историја од „фалсификувањата“ на македонската национална историографија, македонските колеги истапуваа/т со крајно неубедливи изјави и аргументи за потребата од „де-национализација“ на историјата, обидувајќи се да парираат со одамна познатите модерни теории за нациите (кои во најново време се предмет на сериозна ревизија токму во однос на средновековието!).

Притоа, заборавајќи дека преговараат за национални историографии, а не за теоретски дискурси!

Резултатите од ваквиот неадекватен приод се веќе видливи и преточени во договорот на комисијата, кој, за апсурдот да биде поголем, предвидува дека основата за интерпретацијата на средновековното минато всушност ќе бидат бугарските национални историографски тези!

Македонскиот дел од комисијата единствено можеше да се пофали дека успеале да обезбедат од бугарските колеги да се истакне универзалната и општоевропска цивилизациска димензија на дејноста на средновековните словенски просветители.

Овие личности, меѓутоа, согласно со договорот ќе се одбележуваат како „заеднички“, не според нивното сесловенско дело, туку бидејќи биле дел од бугарската средновековна држава.

Според комисиската интерпретација, со истата „бугарска“ детерминанта ќе се означува и Самуиловата држава и сите државотворни елементи кои од тоа произлегуваат.

Можеби македонскиот дел од комисијата ќе настојува да го прикаже како успех дека во македонските учебници нема да се изучува кои народи живееле во рамките на Самуиловата држава, бидејќи тие и не постоле во „де-националнизираното“ средновековие, сфатено од аспект на модерниот теоретски концепт за нациите.

Меѓутоа, Самуиловата држава во македонските учебници ќе биде идентификувана како „бугарска“, а во бугарските учебници сосема сигурно ќе биде изучувана како дел од бугарската национална историја, со образложение дека бугарскиот етнички елемент бил доминантен?!

Тоа подразбира дека согласно со комисискиот договор, само македонските учебници ќе бидат подложени на ревизија и на „де-национализација“ во потрагата и утврдувањето на „заедничката“ историја!

Како постигнатиот договор конкретно би изгледал во практика, во интервју за бугарската агенција Фокус од 22 јуни 2019 г., обелодени потпретседателот на бугарскиот дел од комисијата, проф. Наум Кајчев. Тој нагласи дека „на обичниот граѓанин на Република Северна Македонија му е наполно непознато дека веќе е договорено дека цар Самуил е владетел на средновековната бугарска држава со центар на територијата на Република Северна Македонија и околу таа формулација двете страни се обединивме како наша заедничка историска личност“.

Според Кајчев, тоа сеуште се премолчува и е „табу тема за одговорните за реализирањето на ова решение“, како и за македонските медиуми. Од изјавата станува сосема јасно зашто ова прашање е табу тема и се премолчува од страна на македонските членови од комисијата и одговорните за реализацијата на решението.

Доколку конкретно ваквата формулација е договорена, тоа би значело дека комисијата ја прифатила „бугарската“ идентификација како клучна методолошка детерминанта, со која се определува „заедничката“ историја, и тоа не само за средновековието.

Согласно со ваквата конструирана формулација, вештачки се исклучува и изворниот географски термин Македонија, кадешто реално Самуил го лоцирал јадрото на својата независна држава и црква, а врз основа на што тој ја темелел својата политичка и идеолошка програма.

Употребата на политичкиот термин „Република Северна Македонија“, наместо географскиот – Македонија за упатување на средиштето на Самуиловата држава – маркирана како „бугарска“, само ја рефлектира апсурдноста на договорот на комисијата, чијашто методологија, уште од самиот почеток евидентно се сведува на политичка, а не на научна.

Со други зборови, македонската „де-национализирана“ историја за средновековниот период, согласно со комисискиот договор, би се темелела на „заедничката“ историја произлезена од средновековната државност на Бугарија, која за Бугарија ќе продолжи да претставува национална историја.

Аналогно на тоа и личностите од средновековието дефинирани како „заеднички“ ќе се чествуваат и одбележуваат согласно со интерпретацијата на бугарскиот национален наратив!

Прифаќајќи ги сугестиите на комисијата, Владата со одлуката од 9 јули 2019 г., веќе ги прогласи Св. Кирил, св. Методиј, Св. Климент, св. Наум и цар Самуил за личности од „заедничката историја“, наложувајќи притоа дека при при секое нивно официјално чествување, „историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува“!

Притоа, како и комисијата, така и Владата, не конкретизираше каква догматизирана „историска вистина“ ќе биде сервирана (несвојствено за современите демократии и слободата на научната мисла) и на кој начин ќе се идентификуваат и одбележуваат личностите од „заедничката“ историја.

Тоа сепак нема долго да остане табу тема, бидејќи претстои најавеното заедничко македонско-бугарско одбележување на 1005-годишнината од смртта на цар Самуил на 6 октомври 2019 г.

Притоа, се наметнува прашањето како ќе биде идентификуван и одбележан цар Самуил и неговата држава согласно со сугестиите на комисијата и одлуката на Владата? Дали ќе се примени договорената формулација која ја обелодени проф. Кајчев? Дали ќе се пренебрегне историскиот факт дека македонската интелегенција и револуционерите, уште од Крсте Мисирков и Илинденското востание, преку Васил Ивановски, Ангел Динев, Коста Рацин, Кирил Николов, Павел Шатев, Панко Брашнаров …, го издигнале Самуил како историски симбол на отпорот на Македонците и тежненијата за самостојна држава, пред и за време на Втората светска војна?!

Дали од историската меморија на македонската нација ќе се избришат одлуките и Манифестот на АСНОМ со кои Самуил и Самуиловата држава се идентификуваат и означуваат како историска детерминанта на средновековната државност?

Дали за првпат по 75 години, Самуил ќе се идентификува и одбележува поинаку?! Што ќе биде со идентификувањето на Охридската архиепископија, чиишто традиции се вградени и произлезени од Самуиловата држава и црква?! Како ќе се одбележуваат идните јубилеи на Македонската православна црква – Охриска архиепископија?!

Македонските граѓани и академската јавност имаат право да знаат дали се лишени од основата за чествување на „такво нешто“!

Ќорсокакот во кој западнаа македонските колеги од комисијата околу идентитетот на Гоце Делчев, се должи на крајната непромисленост со прифаќањето на погрешната методологија за определување на „заедничка“ историја, по што следеше и леснотијата со која го прогласија средновековието за „заедничко“, придавајќи им со тоа „бугарска“ идентификација и каректер на средновековните личности и историски процеси.

Утврдувањето на „заедничката“ историја, што согласно со методологијата на комисијата подразбира да биде означена како „бугарска“, сега ги доведува македонските членови на комисијата во крајно апсурдна позиција да дебатираат за идентитетот на Гоце Делчев како личност од „заедничката“ историја, со оглед дека истото веќе го примениле и направиле за средновековието!

Во колумна за Нова Македонија од 8.03.2019 г. укажав дека македонските колеги од комисијата ќе мора да им постават повеќе научни прашања на бугарските колеги, во насока на аргументирано дебатирање за личностите и феномените од средновековието и за Самуиловата држава.

Бидејќи тоа не го сторија и ја прифатија политичката методологија со која бугарските национални историографски конструкти од 19 век се земаат како основа на „заедничката“ историја, во наредните мои колумни ќе дадам научни одговори за секое од овие суштински прашања.

Македонските граѓани имаат право да знаат како Самуил и Самуиловата држава биле идентификувани и одбележувани низ вековите, како и зашто Самуил станал историски синоним за Македонија и нераздовен сегмент од македонското прашање и како таков третиран како објект на историографско присвојување и национализирање!

Проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје