Владата договара состаноци со контактите на Мицкоски за гас и мазут

Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека утре владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски ќе има средба со компанијата за природен гас за која контактите ги даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Средбата ќе се одржи надвор од земјава, а како што изјави Бектеши, јавноста детално ќе биде информирана за разговорите и понудата.

Од македонска страна, напомена, веќе се пратени количините и потребите, вклучително и потребите на ТЕ-ТО.

„Се работи за компанија регистрирана во Европа. Согласно најавите утре понудата треба да се детализира од страна на компанијата и ќе ја известиме јавноста откога ќе ги завршиме преговорите.Средбата нема да биде во Скопје, туку надвор од Северна Македонија. Ние во текот на утрешниот ден ќе се вратиме и јавноста ќе биде информирана за понудата и за тоа како течеа преговорите“, истакна Бектеши.

Кризата ги обедини лидерите, но нема примирје во партиската војна
Информираше дека уште еден состанок од контактите на Мицкоски, за набавка на поевтин мазут, се очекува до крајот на неделата.

Во однос на разговорите со Србија за размена на гас за струја, тој оцени дека се блиску до договор.

„ Очекуваме српската страна да одлучи, нашиот предлог е пратен“ рече министерот.

Мицкоски и Ковачевски се договорија – опозициските предлози за кризата одат кај Бектеши
Инаку пред два дена стравот од студени радијатори и скапата струја ги седнаа на заедничка маса во Владата, економските тиови на власата и опозицијата, а тема на разговор беше енергетската криза.

Ковачевски оцени дека средбата поминала во добар дух, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека делувало оти има добра волја кај луѓето со кои седеле заедно на маса.

Се договорија сите контакти за поевтини енергенси кои ги има ВМРО ДПМНЕ да бидат доставени во Министерството за економија, кај министерот Бектеши, да се разгледаат понудите и да се одлучи по нив.

Извор: РСЕ.мк