На денешната седница, Владата усвои нов сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, вреден над 350 милиони евра, со што севкупната поддршка за полесно пребродување на кризата во сите сфери досега изнесува 750 милиони евра, информираше премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, приоритет останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите
„Клучната порака денеска е дека никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно“, рече Ковачевски на прес-конференција по завршувањето на владината седница.
Премиерот подвлече дека мора да има енергенси, парно и струја, но и таргетирани мерки за најранливите категории граѓани.
-Повторно менаџираме добро со Буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните, посебно кај најранливите категории. Направивме длабоки консултации со експертите, работодавачите, стопанските комори и пензионерите, науката…
Ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, но од денес уште попосветено ќе работиме за надминување на кризата. Делуваме одлучно и преземаме мерки кои ја ублажуваат кризата, истакна Ковачевски како што пренесе Фокус.

.