Под мотото „Вкуси го животот, вкуси ја традицијата” денеска пред езерцето во скопскиот Градски парк ќе се одржи Првиот национален саем за храна и пијалаци.

На просторот во Градски парк, ќе бидат поставени над 200 штандови со производи, ќе се подготвува вкусна традиционална храна од познати готвачи, а предвидено е и детско катче, со цел на децата одблизу да им се претстават домашните земјоделски произвоиди, храна и пијалаци.

Според МЗШВ, ова е прв саем со ваков обем, на кој ќе се претстават повеќе од 200 производители од над 40 локални здруженија. Тие заеднички ќе ги презентираат македонското земјоделство и гастрономија.

Посетителите ќе можат да уживаат и во звуците на Љубојна, Тајфата и диџеј Мац.

Саемот „Вкуси ја традицијата – Прв национален саем за храна и пијалаци” ќе биде отворен од 11 до 16 часот. За сите посетители, влезот е бесплатен.

Саемот го организираат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Слоу Фуд Македонија, а на отворањето се очекува да се обратат премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.