Вулин: На Србија не ѝ е местото во ЕУ, пријателството со Русија е важно

Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин вели дека Србија треба што поскоро да прифати дека не сака да влезе во Европската унија (ЕУ) и дека таму не ѝ е место. Според него, односот кон ЕУ не е прашање на емоции, туку на рационални одлуки.

Тоа беше одговорот на прашањето во интервју за „Вечерње новости“ дали – по отвореното барање од Брисел Србија да воведе санкции кон Русија и да го признае Косово – е време Србија да се откаже од евроинтеграциите.

„Прашањето не е дали сакаме да влеземе во ЕУ, прашањето е дали ЕУ ја сака Србија“, рече Вулин.

„Судејќи според лудите уцени на кои не изложуваат да го признаеме Косово, да ја укинеме Република Српска и да воведеме санкции кон Русија, тие не не’ сакаат“, изјави Вулин за „Вечерње новости“.

Тој тврди дека ЕУ како сојуз е минато, бидејќи со губењето на политичката независност земјите од ЕУ станаа територии, а не држави.

„Верувам дека пријателството со Русија е од најголемо значење и дека без него ризикуваме физичко исчезнување на Србија“, рече Вулин.