Откако Владата ја објави одлуката дека на 14-от јавен повик за изградба на хидроцентралата Чебрен избрана е грчката компанија ППЦ Архиродон, веќе се даваат оценките дека овој проект ќе биде од историско значење за македонскиот електроенергетски систем, но пашањето е дали конечно ќе дојде до тоа, ако се суди според минатото, каде еден куп обиди пропаднаа. Сега, се работи за договор за концесија по принципот на јавно-приватно партнерство во кое државата, односно државното претпријатие ЕСМ ќе има удел од 33 отсто.

ЕСМ објави видео од локацијата по течението на Црна Река каде што ќе настане најголемото вештачко езеро во земјата.


„Хидроцентралата Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и нејзините чинители задолжени за спроведување на овој голем проект во дело. АД ЕСМ и управниот одбор на компанијата се горди што во нивен мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на Чебрен. Државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за овој исклучителен инфраструктурен објект да почне да се гради“, објави ЕСМ.

Проектот ќе чини една милијарда евра за изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. Хидроцентралата ќе произведува електрична енергија, но ќе има и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.

Планирано е градбата да трае седум години. Ова значи решавање на еден од најсериозните проблеми за обновливите извори на енергија, а тоа е порамнување на вишоците на струја, особено за време на ноќните часови кога побарувачката е мала.