Ден 5-ти од експериментот наречен „Училишна година со физичко присуство“, резултатите поразителни! Ако верувавме досега во илузијата за бесплатно образование, сега истото почнува да има многу висока цена, здравјето (и физичко и ментално) и животот на децата!
За сите оние кои се обидуваат да ги прикријат и релативизираат состојбите во училиштата, за Министерот Филиче кој не знае да брои, за директорите кои се соучесници во ширење на заразна болест во време на пандемија, за Министерката која се прави слепа и глува на условите во училиштата каде децата седат на иста клупа на помалку од 1 метар спротивно од мерките кои наголемо ги промовира со полна уста, за Градоначалникот кој не мрднува со прст да организира превоз за учениците, еве конкретен предлог за начинот на кој родителите очекуваат да се справите и да ја менаџирате оваа кризна ситуација:
· Ваша обврска е да обезбедите бесплатни тестови за сите ученици, наставници и персонал во сите училишта секој понеделник! На тој начин ќе се изолираат асимптоматските и оние кои сѐ уште не развиле видливи симптоми на болеста. Секој позитивен ќе биде испратен дома и ќе се обезбеди побезбедна работна атмосфера во училиштата. Обезбедете пунктови за тестирање во училиштата и бесплатни тестови за секое семејство, тоа е Ваша обврска!
· Секое одделение да биде поделено на две групи, и секоја група да посетува настава наизменично, една седмица да биде во училница ( на училиште со физичко присуство), а другата онлајн! Можноста за ширење и пренесување на болеста во училиштата ќе се намали, а периодот на физичко присуство на децата во училиштата ќе биде подолг наместо за 2 седмици да бидете приморани да ги затворите сите одново дома.
· Извадете ги училниците надвор! Овие денови се совршени за настава на отворено! Прилагодете се и Вие и можностите за одржување на часовите и дозволете им на сите да бидат што подолго присутни на училиште на настава со физичко присуство.
· Секоја училница да има можност за непрекината онлајн настава во секое училиште. Невозможно? Имавте повеќе од 18 месеци досега да се подготвите, да обезбедите непречена настава во секое училиште. Донација од секој Министер во Владата би бил одличен пример кој би можеле да го следат и бизнисите, многу е едноставно, само е потребна вистинска волја и посветеност.
· Намалете ја должината на часовите! Недозволиво, исклучително штетно и неиздржливо е да ги осудите децата и наставниците да бидат 6 – 7 часа со маска. Зголемете ги паузите меѓу часовите на сметка на скратената настава и дозволете им на децата да излезат и да дишат.
· Сите наставници кои одбиваат да носат маска да бидат веднаш испратени на неплатен одмор. Тие во секој момент треба да претставуваат пример кој децата треба да го следат и на кој треба да се угледаат. Сите мерки Ви паѓаат во вода сѐ додека имате такви кои не почитуваат протокол. Прво, директно го загрозуваат здравјето на децата, второ директно го погазуваат Вашиот авторитет. А децата ќе ја добијат пораката: Кога смее наставникот без маска, можам и јас! Знаете колку е опасна ова Ваше замижување, дали воопшто сте свесни за последиците?
· Да се обезбеди посебен ученички автобуски превоз, со посебна ознака и во термини и релации кои се најчесто користени од ученици. Ако сакате навистина да покажете грижа за луѓето од кои барате да Ве гласаат, можете и конечно да креирате услуга која ќе биде во нивна корист и полза. На овој начин ќе се растеретат гужвите и потенцијалните кластери наречени ЈСП, а децата и родителите ќе бидат многу побезбедни и поспокојни.
Не заборавајте дека лагата е со кратки нозе. А Вашата (не)одговорност е огромна и секој Ваш обид да ги спречите информациите, да давате лажен привид дека ја имате состојбата под контрола и да не пристапите сериозно и искрено кон родителите е беспредметен. Родителите можеа да бидат Ваш партнер, а Вие избравте да креирате незадоволство и силен револт со Вашата нетранстарентност и нечесен пристап.
Подмолноста со која ги криете бројот на позитивни случаи, мерките со кои манипулирате сметајте дека ќе Ви се вратат како бумеранг. Играте опасна игра на живци, а цената за родителите е превисока, тие гласно Ви порачуваат: Ние немаме резервни деца, немаме деца за жртвување!
Да расчистиме една важна работа околу која мислам дека сите сме согласни: Сите деца имаат право на образование! Местото на децата е во училиштата, децата вистински се радуваат на можноста да бидат повторно меѓу своите врсници и да имаат директен контакт со своите наставници. Но….
И после 5 дена во најголем дел од средните училишта нема онлајн настава! Воопшто нема никаков обид ниту волја од страна на училиштата да воспостават образовен процес за оние кои доброволно избрале така, ниту за оние кои се принудени да се во самоизолација поради позитивен тест или контакт со позитивно лице. Можеби имате план и стратегии на хартија, ама состојбите во реалноста се целосно поинакви.
Децата со посебни потреби и нивното образование одново се ставени на пауза. Овие деца со предизвици веќе 5-ти ден немаат информации кога ќе ги запознаат ветените образовни асистенти и кога ќе можат да посетуваат настава.
Можете да релативизирате, да се извлекувате, да презентирате лажни проценти и бројки, да вршите притисок до семејствата да се откажат од онлајн настава, да не обезбедувате услови за следење онлајн настава, да ги менувате протоколите за изолација со ад хок одлуки, …сепак, трпението на родителите брзо испарува, а Вие сте целосно прочитани!
Ако Ви треба помош, кажете, има луѓе кои знаат, можат и вистински се грижат!