Мил наш Боже,

Во предвечерието на големиот празник во чест на Твоето воскресение, услиши ја молбата на работ Твој понизен од Македонија

Ти, кој си врховен бог на огромното мнозинство од мојот народ, дај им на Твоите чеда од светата земја македонска сила да ги издржат сите премрежиња со кои ја искушуваш верата нивна и вербата во Тебе. Иако знаеш дека длабоко во себе сите тие живеат со Твојата промисла и се надеваат дека ќе им го осветлиш патот низ беспаќата и оти ќе бидеш секогаш тука за нив, Твоите поклоници од страдална, а горда и достоинствена Македонија.

Дај ни трпение, семоќен наш створителу, да го надвладееме и воскреснувањето на сеништата од минатото што ни ја пиеја крвта, а денес се претвораат дека не биле тоа што беа додека носеа зло и пустош на Твојата и наша древна земја не толку одамна. Тие за кои мислевме дека, со Твоја помош, еднаш засекогаш ги испративме на буништето на светот и векот, давајќи 25 илјади животи на олтарот на татковината.

Дај ни мудрост, драг наш спасителу, да ги препознаеме и да се справиме и со сите оние од нашите редови што им служат на туѓи интереси, а за грст сребреници, за сладострастие и удопствие на маката на своите сонародници додека (им) го раздаваат најсветото, името и образот. Оти без нив с(м)е вејка на ветерот, никој и ништо, прашинка под ова небо.

Биди со нас, вечен наш следителу, додека ѓаволот што не ора ни копа дупка и се заканува да нè врати во (не)времињата кога немавме дом каде да се засолниме, а камоли држава. Кога секој си позволуваше да си поигрува со нас и нашиот животец, да нè меси како глина и да нè тера да се кажуваме тоа што не сме за да го видиме следното изгрејсонце.

Прости ни, мили Боже, за сите наши согрешенија, волни и неволни. Сме правеле и правиме и небогоугодни нешта, напати застрануваме од Твојата патека, но на толку изградени храмови за славење на Твоето име барем трошка проштение од Тебе очекуваме и за тоа се молиме.

Избави нè, Господи, од сотворенијата на Натемаго додека се обидува да нè одврати од Твојот пат, да нè прелаже дека со откажувањето од себе и од Тебе ќе кинисаме прекутрупа до замислениот рај на Земјата, а во суштина шарена лага за која душата ти ја бараат за возврат.

Дарувај нè со милоста Твоја нас, кои веруваме во правдата и во превласта на доброто над злото од искона до крајвека. Влеј љубов во секое срце православно кон најмилите, кон ближниот свој, кон родната грутка, кон родината.

Чекајќи да ја победиш смртта на Великиот ден за сите рисјани, ние, Твојот избран народ македонски, ќе продолжиме да го носиме крстот и да се бориме за своите правдини. Пред одново и одново, додека Те молиме: „Боже, чувај ја Македонија!“, да воскликнеме: „Христос воскресе, навистина воскресе!“.

Амин!