Несудениот бугарски премиер Слави Трифонов побара од новиот состав на Народното собрание веднаш да го врати ветото за преговори на Македонија за членство во Европската унија поради почнатата процедура за измена на законот за фондации, со кој ќе биде забрането именувањето по личности поврзани со фашизмот, како што се клубовите „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.
„Собранието на Северна Македонија едногласно изгласа нов закон за фондации и здруженија. Со овој закон целта е исполнета, а таа е забрана на сите бугарски здруженија именувани по херои од нашата историја. Кои, впрочем, се херои и на нивната малку подалечна историја. Зошто што е Иван Михајлов за Македонија освен херој?
Прогонот против сè што е бугарско во Северна Македонија продолжува со полна сила. И по падот на бугарското вето доби уште поголеми и грди пропорции. Што не е изненадување.
Ако Европската унија сè уште се држи до човечките вредности што ги прокламира, треба веднаш да ја замрзне кандидатурата на Северна Македонија за членка на сојузот. Северна Македонија уште еднаш покажа дека не е земја достојна за унија во која човековите права и правото на самоопределување се фундаментални.
За Бугарија јасно е што треба да направи – прво, Министерството за надворешни работи треба да го повика за објаснувања вонредниот и ополномоштен амбасадор на Северна Македонија.
Второ, што е најважно – по почетокот на работата, новиот Парламент е должен да го врати ветото на Бугарија против Северна Македонија.
Бугарија е таму каде што има и само еден Бугарин. Но, прашањето е – има ли Бугари во нашиот нов парламент кои го разбираат ова и на кои им е гајле? Останува да видиме“, коментира на Фејсбук лидерот на партијата Има таков народ.