„Цените на лебот уриваат рекорди. Поскапувањата на основниот прехранбен продукт никако да запрат. Само во последниве неколку недели лебот поскапе од 5 до 8 денари, а некои видови леб се продаваат и до 10 денари поскапо. Само обичниот бел леб наредните денови ќе поскапи за 6 денари и ќе се продава за 50 денари.“ – објави весникот „Вечер“ во својата анализа.

„Вечер“ пишува: „Ново зголемување на цените најавуваат и пекарниците од Штип. Тие сè уште продаваат по старите цени, но велат за десетина дена, од 15-ти август уште еднаш ќе ги кренат цените, за два денара. Велат дека не им се исплати да работат, одамна веќе не се ликвидни, едвај можат да поделат плати на вработените, а енергенсите биле неколкукратно зголемени, па растот на цените бил неизбежен.“

„Од Агробизнис комората при ССК велат дека и покрај тоа што се очекува добра жетва дома, а увозот на пченица и брашно да ги задоволи потребите на граѓаните, неизбежно ќе се продава по повисоки цени. Трошоците се до тој степен зголемени, а помош од надлежните нема и затоа новите поскапувања морале да се случат. Револтирани се бидејќи државата наместо да ги стави на регулираниот пазар, ги оставила сами да се снаоѓаат како знаат и умеат да плаќаат струја по многу повисоки цени, па трошоците за енергија во комбинација со повисоката цена на трудот и поскапените суровини довела до оваа ситуација.“

„Надворешните берзи на сите овие суровини, на енергијата, ја диктираат цената. Не е Македонија изолиран остров, па сами да ги креираме цените на производите и влезните суровини. Тоа се пазарни цени, надворешни цени. Сето тоа ќе зависи од повеќе параметри, што влегуваат во конечниот производ, па такви ќе бидат излезните цени на финалните производи. Истото ќе се случува и со цените на пекарските производи.’ – вели Горан Ѓоргиевски, претседател на Агробизнис комора при Сојуз на стопански комори.“

„Во моментов најниската цена на лебот изнесува околу 30 денари. Новите промени на цените освен поскапувања донесоа и помали пакувања. Граѓаните сè почесто забележуваат дека покрај повисоките цени, векната леб е сè полесна. Традиционалниот бел леб на парчиња „тежи“ едвај 500 грама, специјалните лебови како р’жаниот, интегралниот, лебовите со сончоглед, маслинки, микс од житни зрна се тешки едвај 350 грама. Лебот е меѓу продуктите, што најмногу поскапеа. Неговата цена е зголемена за дури 30% споредено со лани.“