На десетина дена пред одлучувачкиот состанот на Европската Унија кој ќе се случи на 22 јуни, еврокомесарот за проширување Вархеји изрази желба за почеток на преговорите на Албанија и Македонија и нивна евринтеграција. Сепак, еврокомесарот инсистира на резултати, да можат да се надминат сите пречки. Од Тирана, по Самитот на земјите од Западен Балкан, на лидерите им порача дека јуни е критичен и дека треба да испорачаат тоа што треба за да почнат преговорите.

„Јуни е критичен месец за Западен Балкан. Имаме многу прашања на маса. Ние сакаме да организираме меѓувладини конференции со Србија и со Црна Гора, за да ги продолжиме нивните преговори за членство. Ние сакаме да ги организираме првите две меѓувладини конференции со Албанија и со Македонија, го имаме овој Самит за да ги покажеме резултатите. Оваа година навистина може да биде година на Западен Балкан, но ние сакаме резултати,истакна Вархеји на заедничката прес-конференција со домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама.

Унијата веќе ги има подготвено претпистапните фондови, во кои Брисел, според најавите на Вархеји издвојува околу 30 милијарди евра за Западен Балкан, но според него, регионот мора прво да функционира како единствен регионален пазар, граѓаните да може да патуваат и работат во земјите од регионот без пасоши или посебни дозволи.
Премиерот Заев пак истакна дека овој план има силен потенцијал за поддршка на главните патни и железнички врски во регионот и ќе биде сериозна поддршка за заздравување на економиите во земјите од регионот.

„Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан го поддржува долгорочното економско закрепнување на регионот, истовремено поттикнувајќи регионална интеграција. Имплементацијата на Планот ќе ја стимулира економската активност, ќе ги зголеми инвестициите и на јавниот и на приватниот сектор, ќе ги зајакне конкурентноста и иновациите, особено на малите и средни компании”, истакна премиерот Заев во своето обраќање на Самитот на земјите од Западен Балкан во Тирана.