Вархеји: Ако запре проширувањето, ЕУ ќе се соочи со мигрантски бран од Балканот

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји оцени дека граѓаните на Западен Балкан може да ја предизвикаат следната мигрантска криза доколку Европа дозволи да пропаднат ветувањата за проширување и ја повика ЕУ да ја засили соработката со земјите од Западен Балкан за миграција.

Во интервју за Маѓар Немзет, Вархеји рече дека авганистанската криза покажала „колку се сериозни последиците ако нема цврстина и конзистентност во геополитичките одлуки”, пренесува ЕУОбсервер.

„Мора да ги исполниме ветувањата за Западен Балкан. За мене, тоа е една од најважните лекции по ситуацијата во Авганистан“, рече Вархеји.

„Ајде да замислиме што ќе се случи ако процесот на пристапување на нашите партнери од Западен Балкан уште повеќе да се пролонгира и – од некоја геополитичка причина – она ​​што го ветивме не се случи на крајот, рече Вархеји. Тој додаде дека „географски, Западен Балкан е многу поблиску до Европа отколку Авганистан”, што значи дека „интеграцијата на тој регион мора да биде европски приоритет”.

Во врска со пристапувањето на Албанија и Северна Македонија, Вархеји рече дека двете земји ги исполнуваат сите критериуми за почеток на пристапните преговори.