Со пораз од 26:25 во реваншот во Скопје, но благодарејќи на повеќето голови на гости во победата од 31:30 во Нашице, ракометарите на Вардар ќе го бранат трофејот на фајналфорот од СЕХА-лигата во Задар.

Во полуфиналто од својот деветти настап на исто толку завршни турнири во регионалното натпреварување европскиот шампион на 4 септември од 20:30 часот за противник ќе го има Загреб.

Без капитенот Стојанче Стоилов, заразен со коронавирус, „црвено-црните“ беа подобри во најголемиот дел од првото полувреме, во кое водеа и со 11:8, но на одморот се замина со нерешени 13:13.

Периодот без гол на составот на Стевче Алушовски од 39 до 49 минута го искористија гостите од Хрватска и го презедоа водството, за пет минути пред крајот да имаат максимална позитива од 24:20.

Вардарци одговорија со серија од три гола, а нивни спасител во финишот беше Патрик Валчак, постигнувајќи ги двата последни погодока за својот тим и претходно изнудувајќи седмерец што го реализира Иван Чупиќ.

Токму Чупиќ и Кристијан Дисингер се издвоија во домашниот тим со по пет гола, за кој Борко Ристовски запиша девет одбрани.

Прв стрелец на мечот беше бившиот играч на Металург, Халил Јагањац, со осум погодока.