Ракометарите на Вардар уште еднаш го совладаа Еурофарм Пелистер, овојпат со 30:25 во својата арена „Јане Сандански“ во дербито од Суперлигата, откако неодамна го победија шампионот и во Суперкупот во Струмица.
Третиот пораз во низа за битолчани, кои загубија и на стартот од Лигата на шампионите против норвешки Колстад пред своите навивачи, го навести уште самиот почеток на средбата во Скопје, кога „црвено-црните“ поведоа со 6:1, а на полувреме заминаа со водство од 15:12.
Пелистерци се заканија во завршницата, доближувајжи се на минус два, но двократниот европски првак не дозволи повеќе од тоа и во сезоната влезе со бодовна и психолошка предност пред лутиот ривал, кој во минатата ја прекина доминацијата на вардарци во домашното првенство.
Вардаровиот голман Томовски беше прво име на натпреварот со 13 одбрани, а во нападот кај домаќинот се издвоија Лазаревски и Срдановиќ со по 6 гола, колку што постигна и Борзаш за гостите.