Вардар му даде жесток отпор на Кил

Ракометарите на Вардар повторно загубија во Лигата на шампионите, шести пат во низа, но овојпат и без класичен среден бек поради отсуството на Гаџа одиграа на високо ниво во Кил и имаат за што да жалат во поразот од 32:30.

Трите нереализирани стопроцентни шанси во финишот, од кои две на Чувара, втората во почетокот на последната минута, скапо го чинеа двократниот европски првак, кој и по деветтиот круг останува шести во групата А со петте бода освоени во првите три кола.

Решавачка за победникот се покажа серијата на домаќинот од 7:1 по 19:18 во почетокот на второто полувреме.

„Црвено-црните“ не профитираа од феноменалната вечер на левиот бек Кудуз, непогрешлив во деветте обиди кон голот на Ландин, ниту од новата блескава партија на Томовски против „зебрите“, крунисана со 10 одбрани, меѓу кои и еден седмерец, а Тоту имаше ефект 5/6.

Прекин на црната серија тимот на Вујовиќ ќе бара на 8 декември во Загреб.