Со победа од 2:0 против Железничар од Сараево пред десетина илјади гледачи на некогашниот Градски стадион во Скопје, фудбалерите на Вардар ставија јаготка на шлагот на славеничката торта за 75-годишнината од основањето на најтрофејниот македонски клуб и за 35-годишнината од формирањето на неговата навивачка група „Комити“.

Филип Јаневски во 45. минута и Енер Парталко во 73. минута со своите голови ја зачинија прославата со пријателскиот натпревар против босанскиот премиерлигаш и некогашен полуфиналист во Купот на УЕФА, кој потсети на меѓусебните дуели во поранешна Југославија.

„Комити“ приредија сценографско и пиротехничко шоу на Западната трибина, а публиката на Јужната уживаше и во фудбалската претстава што заврши по 87 минути игра, како симболично одбележување и на 35 години од титулата шампион на СФРЈ, единствена за „црвено-црните“ во некогашната држава.