Вардар го растури Мешков Брест и најави жешка есен во Лигата на шампионите!

Со триумфот од 35:27 во својата арена „Јане Сандански“, ракометарите на Вардар му наплатија на Мешков Брест за поразите во трите последни меѓусебни дуели и покажаа потенцијал за (по)големи дела во Лигата на шампионите сезонава.

Високата победа ја навести уште првото полувреме, кое двократниот европски првак го доби со 19:13, со ефикасност од 79 проценти!

Гостите од Белорусија со зацврстена одбрана во второто полувреме се доближија до 27:24, но „црвено-црните“ не само што ја отстранија заканата, туку и го дотолчија ривалот, испраќајќи го со осум гола негатива.

Беспрекорни во вардаровите редови беа десните бекови Кевин Њокас (8/8) и Јоел Моралес (5/5), како и средниот бек Анте Гаџа (4/4), а им се придружи Тимур Дибиров со 5/6.

Меѓу стативите одново блескаше Мартин Томовски со 10 одбрани, а Али Сафар влезе во историјата на Кувајт и на ЛШ со првата одбрана и со првиот погодок од гол на гол.

Со 3 бода од првите два круга во групата А, составот на Веселин Вујовиќ го дели третото место со Пик Сегед, кој го декласира Загреб со 30:21.

Во следното коло на 29 септември во Скопје доаѓа Олборг, кој славеше со 36:28 против Монпелје и со максимални 4 бода го дели врвот со Кил, кој го победи Елверум со 41:36.