Ракометарите на Вардар триумфално го отворија продолжението од Лигата на шампионите, забележувајќи голема победа над Рајн Некар Левен од 30:27 среде Манхајм.

Во директната пресметка за второто место во групата А, кое во осминафиналето носи двомеч со подобриот меѓу Спортинг и Динамо Букурешт, македонскиот првак уште во првото полувреме покажа дека е дојден по двата бода во Германија.

„Црвено-црните“ по првите 30 минути имаа предност од 16:12 против ривалот што го совладаа и во Скопје со 29:27, а максималните седум гола позитива (16:9) два пати ги достигнаа и во вториот дел (21:14 и 27:20).

Против тимот што го води селекторот на новиот светски шампион Данска, Николај Јакобсен, и за кој игра златоносецот Мадс Менсах Ларсен, најдобар беше Тимур Дибиров со седум гола од девет обиди. Стојанче Стоилов имаше ефект 6/8, Игор Карачиќ 6/9, Даинис Криштопанс 4/7 итн.

Андре Шмид со 9/12 беше прво име во поразената екипа, за која Јаник Колбахер застана на 8/9.

Европскиот првак од 2017 година настапи без повредените Вуко Борозан и Рожерио Мораеш.

Вкупно 62. победа во 133. меч во групната фаза од ЛШ и седма во десеттиот дуел со Рајн Некар Левен го зацврсти составот на Роберто Парондо на втората позицијата во А-групата со 15 бода, три помалку од водечката Барселона, која в сабота му гостува на Веспрем.