Речиси две третини од натпреварот имаа и игра, и водство против трикратниот европски првак Кил, но ракометарите на Вардар застанаа и загубија пред своите навивачи со 29:26 во шестото коло од Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ во 37. минута водеа со 18:15, но во следните осум минути им дозволија на „зебрите“ серија од 5:0 за пресврт и до крајот на мечот не успеаја резултатски да се вратат.

Последната шанса за тоа ја имаа три минути пред крајот, но пасивниот напад на гостите од Германија при 27:25 за нив заврши со исклучување на Жереми Тоту и гол од седмерец на Никлас Екберг.

Мартин Томовски бранеше феноменално во првото полувреме, во кое запиша 12 одбрани, скротувајќи 55 проценти од ударите кон неговиот гол, мечот го заврши со 14 успешни интервенции и ефект од 40 отсто, но не беше награден од соиграчите.

Во нападот, пак, Тимур Дибиров, кој застана на 10 погодоци, немаше поддршка од колегите во тимот, од кој дури шестмина далеку заостанаа со по два гола.

Третиот пораз во низа го закова составот на Веселин Вујовиќ на шестото место во групата А со 5 бода, а во следниот круг на 18 ноември ќе му гостува на Пик Сегед.