Вардар без шанси против Веспрем

Ракометарите на Веспрем ја потврдија улогата на изразит фаворит против Вардар, декласирајќи го двократниот европски првак со 41:27 во Скопје во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите.

Уште на полувреме, кога гостите од Унгарија имаа двоцифрена предност од 21:11, беше јасно дека за „црвено-црните“ реваншот на 8 април кај еден од фаворитите за европската круна сезонава ќе биде обична формалност.

Иван Чупиќ со 8 гола од 10 удари беше единствената светла точка во расштимуваниот оркестар на Стевче Алушовски.

Соодносот на реализираните удари од 77:52 проценти во полза на Веспрем доволно зборува за односот на силите во арената „Јане Сандански“.