Ванковска за покојниот Владимир Глигоров: Мака ми е што никогаш не го заболе за Македонија

Професорката Билјана Ванковска со коментар за синот на претседателот Глигоров, Владимир Глигоров кој деновиве почина во Виена.

,,Нека му е лесна земјата. Беше попознат, поценет и популарен (па и политички активен) во регионот (особено Србија) отколку во Македонија, иако беше син на нашиот прв претседател. Би рекле, нормално: цел живот го мина во Србија, која му беше вистинска татковина, а потоа и во Австрија.

Ги читав повремено неговите економски, па и политички анализи (на англиски или српски). Македонија едвај и да ја спомнуваше, онака патем, најчесто набројувајќи ги земјите од регионот.

Бидејќи беше умен и учен човек, искрено, секогаш ми било мака што никогаш не го заболе Македонија или некое македонско прашање. Дури и го прифати Преспанскиот договор, онака како што странец прифаќа некој „компромис“ и „решение на спор“, па и си зборуваше за Северна. Ќе беше убаво да го имавме на наша страна, бидејќи беше ценет надвор, ќе можеше многу да помогне со неговиот глас. Но, тој одамна престанал да се чувствува како Македонец. Не знам ни дали воопшто имаше наше државјанство. Небитно!

Токму на овој случај можеме да ставиме прст на чело и да размислиме: кој е Македонец/ка? Што е тоа што некого го прави Македонец/ка? Српските колеги сега ќе му пишуваат ин мемориам-и, јас и да сакам не знам што би напишала. Освен, нека почива во мир”, пишува Ванковска.