„Холандскиот премиер (оној кој си лафеше со Зоќе на фудбалскиот натпревар на репрезентацијата на нашата земја) бара Унгарија да биде исфрлена од ЕУ поради непочитување на правата на ЛГБТ заедницата.
Се разбира, не им паѓа на памет да бараат исфрлање на Бугарија што врши етноцид и културоцид и во своите граници и надвор од нив со една фашизоидна и шовинистичка политика кон Македонија.
Види им го приоритетот на вредностите и сензивилитетот – по Македонците и илјада договори и стапови може, тоа не е ништо“, пишува професорката Билјана Ванковска на Фејсбук.
Кога сум веќе на оваа тема, ми падна во очи, тоа што пред мечот меѓу Германија и Унгарија во Минхен, нели, домаќините сакаа во знак на протест кон унгарската политика спрема ЛГБТ заедницата да го осветлат/обојат стадионот во боите на виножитото.
Откако УЕФА не падна на тенкиот мраз и не дозволи идеологизација и политизација на првенството (заедно со притисокот на ГРција за ФФМ), на трибините можеа да се видат германски навивачи нагрнати со знамињата со боите на виножитото за, демек, да ги нервираат и деконцентрираат „хомофобните Унгарци“. Тоа беше една таква одвратна генерализација и нафрлање колективна вина на унгарските играчи, што немам зборови да ја опишам.
Небаре се тие сите до еден поддржувачи на Орбан, немаат сопствени ставови или дури и сексуални ориентации – едноставно, им беше удрен печат како на хомофоби само затоа што доаѓаат од земја во која владее автократ кој не почитува права на една малцинска група.
Тоа може да се спореди само со оние слично одвратни потези кога на трибини се палат знамиња на омразениот противник, се скандира „жица, жица, Сребреница“, или се скандира Македонија е грчка и слично.
Упадот на сите можни фрустрации и „каузи“ на фудбалските терени, вклучително и клечењето, го девалвира спортот, а не помага ни за разбирање и дијалог со неистомисленици, ниту за унапредување на нечии права – но затоа е одличен начин за сеење омраза и нетрпеливост токму таму каде што треба, нели, да владее врвна спортска игра и фер-плеј“-пишува Ванковска.
