Поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, во изјава за „Плусифо“ вели дека екс-премиерот Зоран Заев, според снимката која денеска ја објави Антонио Милошоски, сакал да се прикаже како моќник, но и пријател на судијата.



„Видно од објавеното писмо на прес конференцијата на господинот Милошоски, се објавува разговор воден во месец мај 2019 година во просториите на Владата, а во кој се спомнува моето име. Објавена е аудио снимка во која лицето З.З. кажува дека со мене нешто договорил.

Јас тврдам дека во месец мај 2019 година пред Врховниот суд немаше активен предмет во кој тогашното СЈО се појавува како странка која не е овластен тужител во постапките согласно начелното правно мислење на овој суд. Сите тие постапки беа завршени неколку месеци пред тоа“ изјави Вангеловски.

„Со господинот Заев, јас како претседател на највисокиот македонски суд, сум имал неколку средби остварени во премиерскиот кабинет при што бев почестен со кафе и со вода. Од тука, мене објавениот разговор или монолог ми наликува на негово себепромовирање во голем моќник, но и претставување како мој голем пријател“, вели Вангеловски за „Плусинфо“.

Судскиот совет го разреши Вангеловски од претседател на Врховниот суд и од функцијата судија во септември 2019 година, потсетува „Плусинфо“.