Ванг Ји: Односите меѓу Кина и Русија се цврсти како камен

Директорот на канцеларијата за надворешни односи на Комунистичката партија на Кина, Ванг Ји, кој се смета за највисок кинески дипломат, изјави во Москва дека односите меѓу Кина и Русија се „цврсти како камен“, способни да издржат каков било тест на меѓународната политичка арена.

За време на разговорот со Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација и еден од најблиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин, Ванг Ји изјавил дека кинеско-руските односи „немаат граници“, пренесува Ројтерс.


„Кинеско-руските односи се зрели и цврсти, способни да го издржат секој тест на променливата меѓународна арена“, му рече Ванг на Патрушев.

Кинескиот дипломат изрази уверување дека Русија и Кина треба да разработат нови заеднички чекори за понатамошно осигурување на безбедноста на двете земји.

Патрушев му рекол на Ванг дека Пекинг е главен приоритет на руската надворешна политика и оти двете земји мора да застанат заедно против Западот.

„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на добро информирани извори, претходно објави дека кинескиот претседател Си Џинпинг планира да ја посети Москва и да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во наредните месеци.

Американскиот весник наведува дека средбата на Си со Путин ќе биде дел од напорите за започнување мировни преговори за Украина, како и да му се овозможи да ги повтори своите повици да не се користи нуклеарно оружје, пренесе Ројтерс.