Актуелниот претседател на Австрија, Александар Ван дер Белен, е на пат да освои втор шестгодишен мандат на денешните избори веќе во првиот круг, се вели во анализата на австрискиот јавен сервис ОРФ.

Анализите и проекциите на јавниот радиодифузен сервис ОРФ и Австриската агенција за печат, кои беа објавени набргу по затворањето на последните избирачки места, покажуваат дека Ван дер Белен освоил околу 55 отсто од гласовите.

Повеќе од половина од гласовите се веќе преброени.

На изборите има уште шест кандидати, а неговиот најблизок противкандидат, екстремно десничарскиот кандидат на Партијата на слободата, Валтер Розенкранц, се очекува да добие околу 18 отсто.

Во последните неколку години Австрија помина низ различни политички пресврти, а пет канцелари се сменија за време на мандатот на Ван дер Белен.

Белен важи за симбол на стабилноста во земјата, членка на Европската унија, која се соочува со енергетска криза и инфлација.