Ван ден Берг и Мико до сенаторот Риш: „Северномакедонски“ е навреда за Македонците

Холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, и поранешниот почесен македонски конзул во САД, Џејсон Мико, му укажаа на американскиот сенатор Џејмс Риш, член на Комисијата за надворешни односи на Сенатот, за навредата што ја чувствуваат Македонците со употребата на непостоечката придавка „северномакедонски“.

„Денеска ја славиме третата годишнина од влезот на #СевернаМакедонија во #НАТО. Со нетрпение го очекувам продолжувањето на силното трансатлантско партнерство со нашите северномакедонски пријатели, како и додавањето на #Финска и на #Шведска како нови членки“, објави Риш на Твитер.

„Не постои такво нешто како споменатата придавка (‘северномакедонски’). Како што е меѓународно договорено, а вашите пријатели можат да кажат, ова треба да гласи ‘македонски’. Граѓаните се Македонци. Јазикот е македонски“, реагира Ван ден Берг под твитот на Риш.

„Здраво, сенаторе Риш – Единствената точна, искрена и одобрена придавка за Македонците е, добро, Македонци. Нема соодветна употреба на ‘северномакедонец(и)’ и тоа е, всушност, навреда. Ве молам, имајте го ова предвид за идно обраќање. Ви благодарам. Секогаш и само #Македонија“, прокоментира Мико под објавата на републиканскиот сенатор од Ајдахо уште од 2009 година.