Вакцинирани од одговорност за вакцините – Пишува Роберт Димитриевски

(Нај)неспособната власт за време на пандемијата од коронавирус во светски рамки побарала и добила изим од НАТО и од Вашингтон за да набави кинески вакцини, се пофали Заев. Трет месец фати како другите, меѓу кои речиси сите од соседството, почнаа со вакцинација, а несреќиве чекале да им кажат од „горе“ дека „набавката на вакцините од Кина не е геополитичко прашање, туку суверено право на секоја држава“?! Алелуја!

Првото прашање што се наметнува е кој ја избира и кому му одговара Владата на „нашата земја“, посебно кога станува збор за живот или смрт, како во случајот со Ковид-19?

Второ, чекаа НАТО и Вашингтон да им го кажат тоа што секаде во светот е неприкосновено право, но и должност на една власт да се грижи за здравјето на своето население, независно од тоа колку чини и кој го има лекот?!

Трето, каква разлика има дали вакцините ќе бидат од Кина или, на пример, од Русија, која уште во август минатата година им ја понуди „Спутник Ве“? И едната, и другата земја не само што не се во НАТО, туку речиси и да нема западен аналитичар или каков било фактор во меѓународните односи што не ги посочуваат за, наводно, штетно влијание во регионот. Или можеби за „северниве“ мудреци Кинезите се помалку проблематични и поприфатливи од Русите?

Четврто, ако утре, не дај боже, земјава се соочи со некаква катастрофа со која не може да се справи самата, ќе одбие помош од нечленки на Алијансата додека не добие одобрување од Брисел и од Вашингтон? По цена и на непотребно загубени човечки животи?

Ај што си играат со месеци дрндупка со граѓаните, расфрлајќи се со лажни најави дека вакцините само што не дошле, ај што излажаа дека првите ќе ги добиеле од Бугарија и од Грција, а не успеваат да ги донесат ни тие што им ги понуди Србија, ај што ги срамат државата и народот со просјачење и „лигавење“ наоколу, ај што лицитираат те со „Фајзер“, те со „АстраЗенека“, те со „Синофарм“, а само Господ знае дали и кога ќе им ги пратат, па сега уште и ќе прашувале дали смеат да ги земат и тие за кои тврдат дека ги обезбедиле?!

Во ситуација кога секој се снаоѓа како знае и умее, дури и си крадеа пратки со заштитни средства платени и наменети за друг, овие, кај што не набавија ни ќорав респиратор, а камоли да изградат ковид-болница, ќе прашувале дали за свои пари можат да си купат лек! Колку ли само мизерно изгледаат во очите на тие што ги прашуваат, залудно надевајќи се дека им ги освоиле симпатиите со уште еден беспримерен гест на понизност кога тоа не го бара ни очекува никој од нив.

И да не е трагично, како што е, не би било смешно. Смешни се само тие што и понатаму очекуваат и се надеваат дека на вакцинираниве од одговорност кај и да е ќе им тргне. Не само со вакцините.