В понеделник второ рочиште по тужбата на Бил Николов и ММДЧП против Османи

В понеделник напладне во Основниот граѓански суд во Скопје ќе продолжи судскиот процес против министерот за надворешни работи Бујар Османи по тужбата за навреда и клевета од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од Канада и неговиот претседател Бил Николов.

„Ги повикувам медиумите и сите заинтересирани Македонци да присуствуваат и да известуваат за овој важен случај: Основен граѓански суд Скопје, соба бр. 8, 12 часот“, објави Николов на социјалните мрежи.


Судењето против Османи почна на 18 април без негово присуство, а врз основа на тужбата од 27 јануари поднесена од Николов и од ММДЧП, кои од него побараа јавно извинување за изнесеното во интервјуто за бугарската телевизија БТВ од 27 октомври 2022 година.

Во него, според наведените македонски активисти од Торонто, шефот на дипломатијата изнел „лаги, навреди и клевети“ за ММДЧП и за неговиот прв човек, кои ги повторил и на прес-конференција на 11 ноември 2022 година.

Процесот го води судијката Јехона Садику.