„Откако Владата вчера реши да го укине прогресивниот данок и да го задржи рамното оданочување, стигнаа и првите реакции на оваа одлука. Дел од експертите, особено оние со пролевичарска ориентација, критикуваат, додека бизнисот, очекувано, ја поздравува владината одлука. – се вели во анализата со наслов „Рамен данок: Ванчо Узунов: Ова не е левичарски, нашите луѓе го сметаат данокот за казна / Миле Бошков: Бизнисот ја поздравува владината одлука“, која ја објави „Фактор“.
Во анализата пишува: „На универзитетскиот професор Ванчо Узунов не му се допаѓа овој развој на настаните. За него е неприфатлива и владината аргументација. ‘Тоа апсолутно е нелевичарска мерка, напротив, тоа е класична десничарска, конзервативна мерка.’ – вели Узунов. Тој нагласува дека ова е мерка, што не се применува во ниту една развиена, просперитетна и прогресивна држава, туку е мерка, која постои во земјите, што се сметаат како даночни раеви. Според него, граѓаните не сакале да го прифатат прогресивното оданочување. ‘Просто е неверојатно колку овој данок не сакаа да го прифатат граѓаните. Значи, не само бизнисмените, туку и воопшто граѓаните-интелектуалци, не го сакаат овој данок. Нашите граѓани данокот го сметаат како казна.’ – објаснува професорот Узунов.“
„Околу владините објаснувања дека за прогресивното оданочување би требало да се размислува само ако се имаат предвид вкупните семејни приходи, Узунов вели дека Владата ја има моќта тоа да го спроведе, откако би ги направила потребните анализи. ‘Рамен данок е феудален данок, Македонија го имала во турско време.’ – смета Узунов. Тој нагласува дека кога државата би им ги зголемила даноците на луѓето, тогаш многу помалку ќе и простуваат за пропустите и ќе бараат многу поголема отчетност за трошењето на државните пари.“
„Миле Бошков, прв човек на бизнис-конфедерацијата на Македонија, вели дека бизнисот апсолутно ја поздравува оваа владина одлука. „Ние, како бизнис одамна укажувавме дека македонската економија и стопанство се уште не се подготвени за прогресивно оданочување. Можеби е добро да има поголема праведност во оданочувањето, но треба да се обезбеди поголема ефикасност на даночниот систем и поголема наплата на даноците од сите.’ – објаснува Бошков.“
„Бошков нагласува дека се уште многу луѓе функционираат во ‘сивата зона’, па треба да се запрашаме како држава кој е мотивот на многу луѓе да не ги плаќаат даноците. ‘Ако има поголема отвореност и отчетност во трошењето на државните пари, луѓето ќе бидат помотивирани да плаќаат даноци. Но, во власта има поединци но и цели институции, на кои им требаат сериозни реформи во трошењето на парите.’ – објаснува Бошков.“
„Тој вели дека бизнисот апсолутно ја поздравува вчерашната владина одлука. ‘Од аспект на бизнисот, многу е битно да се обезбеди предвидливост околу плаќањето на даноците, за да можат компаниите навреме да направат план за своите трошоци и издатоци за следниот период.’ – посочува Бошков. Според него, власта мора да ги зајакне контролите и инспекцискиот надзор. ‘Сега многу луѓе работат во ‘сивата зона’, и затоа треба јасно да се знае дека неплаќањето данок е кривично дело, па да се засилат инспекциите во откривањето на неплаќачите и да има казни за нив.“ – нагласува Миле Бошков, првиот човек на бизнис-конфедерацијата на Македонија.“