Увозник ставил погрешни декларации на вакцини за морбили

Откако јавноста реагираше дека вакцините за морбили се со застарен рок инспектори утврдиле дека компанија увозник на лекови направила грешка и ставала погрешни рокови на декларациите за рокот на употреба.

“Вонредниот инспекциски надзор кој во изминатите два дена го изврши комисијата формирана по барање на министерот за здравство, Венко Филипче, покажа дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата против мали сипаници се со важечки рок и целосно безбедни”, се вели во дописот од Министерството за здравство.

Контрола била извршена во повеќе вакцинални пунктови, при што детално биле проверувани фабричките рокови втиснати на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот.

„Утврдено беше дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Надзорот констатираше дека од страна на увозникот, компанијата ‘Македонија лек’ бил направен технички пропуст. Имено, компанијата ‘Македонија лек’, кај мал број од пакувањата залепила стари декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година. За оваа констатација на инспекцијата ја информиравме и компанијата ‘Македонија лек’“, стои во соопштението на Министерството за здравство.

Министерството за здравство апелира до родителите и граѓаните да бидат спокојни и слободно да продолжат со редовната имунизација на децата.