„Уставобранителот“ Џафери – Пишува Роберт Димитриевски

Да не е трагично, би било смешно. Човекот што стана собраниски спикер со флагрантно кршење на Уставот ќе кажува дали нешто било уставно или не, во случајов иницијативата на опозицијата за распишување задолжителен референдум за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија?!

Узурпаторот на првата парламентарна фотелја, за чиј „избор“ (без записник и со гласање со две раце како Шилегов) десетици што се спротивставија добија драконски затворски казни за измислен тероризам, сега ќе глуми уставобранител?!


Командант Форина од парамилитарната организација што изврши терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и уби 75 бранители ќе толкува членови од Уставот?!

Последниот со морално право да се повикува на Уставот, откако заклучуваше пратеници во собраниската сала, газејќи им го уставно загарантираното право на слободно движење, си зел слобода лажно да се претставува како заштитник на највисокиот законодавен акт?!

Ако е и од Талат Џафери, многу е! Прво и основно, кој е тој да оценува дали некакво барање за граѓанско изјаснување се коси со Уставот? Нели за тоа е надлежен Уставниот суд?

Второ, донесена одлука на (успешен, со потребен цензус) референдум има сила на закон и задолжително се спроведува, што го побива објаснувањето на Џафери дека „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон“.

Трето, како да се заштитат граѓаните од меѓународни договори за кои сметаат дека се штетни ако не можат да пробаат да ги соборат на референдум, за кој не се вели бадијала дека е највисок облик на непосредна демократија и во нормални држави е „закон“ за власта?

Тоа што власта на неговата ДУИ и на СДСМ го игнорира резултатот од пропаднатиот референдум за името само го потврдува сомнежот во намерите на Џафери и на тие што стојат зад него. Ако се сигурни, како што тврдат, дека плебисцитот за договорот Заев – Борисов нема да успее, чуму им е ваков низок удар наместо да си седат настрана и да фаќаат сеир?

Кога ќе се загребе малку подлабоко под површината на потегот на Талат, станува очигледно дека ниту му е до Уставот, ниту до волјата на народот, најмалку на македонскиот. За такви „тривијални“ нешта не се притресуваше ни кога дезертираше од АРМ за да го сврти оружјето против довчерашните војнички другари во 2001 година, па зошто би го правел тоа сега?

Нему и на најнеспособната владејачка гарнитура во македонската историја, едноставно, не им одговара дополнителна мобилизација на опозицијата со предреферендумска кампања, а во услови на галопирачки раст на цените и на очекуваното продлабочување на енергетската криза претстојнава зима. Револтот на граѓаните од севкупните состојби во државата е толкав што на некадарнициве не им треба референдум за да го согледаат. Од Марс е видлив и не навестува ништо добро за прочитаните политиканти со стратегија „купи ден – помини“ додека си ги товараат магарињата на грбот на тие што се мислат дали наскоро ќе можат да се стоплат, а дури потоа што ќе јадат.