Уставниот суд одлучува за помилувањата на Иванов

Уставните судии на денешната седница треба да донесат одлука по иницијативата за оценување на уставноста  на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.

Овој член од Законот предвидува претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.

Уставниот суд во ноември минатата година поведе постапка по иницијативата, но одлучувањето беше одложено за да се добие од Собранието автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, кој му дава дискрециско право на претседателот на државата да даде помилување без да спроведе постапка за помилување.

Собраниската Законодавно-правната комисија тогаш одлучи дека барањето за автентично толкување не е оправдано бидејќи членот 11, кој на претседателот му дава дискрециско право да помилува, воопшто и не постои.

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, повикувајќи се на избришаниот член 11 од Законот за помилување, најпрвин аболицираше 56 лица, а потоа во Законот беше додаден нов член, 11-а, со кој го повлече помилувањето.