Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на дел од Законот за амнестија кој на иницијатива на СДСМ Собранието го донесе во февруари годинава. Со тој Закон на слобода беа пуштени стотици затвореници, а меѓу нив и извесен број тешки криминалци.
Дел од нив веднаш по амнестијата или подоцна ги повториле кривичните дела.
Иницијативата за преиспитување на уставноста на член 3 од Законот ја поднесе адвокатот Сашко Дуковски кој тврди дека Законот е неуставен бидејќи во него е наведено за кои кривични дела се однесува амнестијата, а за кои не, со што е прекршено уставното начело за еднаквост на граѓаните.
Уставниот суд, меѓутоа одлучи дека оспорениот член 3 од Законот не е во спротивност со македонскиот Устав.
„Уставниот суд смета дека оспорениот член 3 од Законот не е во спротивност со Уставот. Во тој член пишува дека амнестијата не се однесува на лица осудени за доживотен затвор, убиство, кривични дела против избори и гласање, полова слобода и полов морал, против државата, јавниот ред и мир, човечноста и меѓународното право. Ова е прашање на законодавецот кој има право да определи за кои кривични дела може да има амнестија но и да одлучи за кој временски период би важела таа. Ова не е прв пат судот да расправа по ваква Иницијатива. Во сите случи Уставниот суд не повел постапка од истите причини како и во овој случај“, велат од Уставниот суд.
Со законот за амнестија не се опфатени осудените за убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, за силување, педофилија, посредување во вршење проституција, потоа за кривични дела против државата, за злосторничко здружување, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право.