Изгледот на лицата на губитниците од локалните избори во Македонија додека го разубедуваат Зоран Заев во врска со оставката од претседател на Владата и на СДСМ – прајслес. До вчера едните од коалицијата на власт се замислуваа јастреби, а другите орли, секој во своите етнички табори, додека поткупуваа, се закануваа, носеа избирачи со авиони и тепаа гласачи на политичкиот ривал на автопат, за ден потоа да наликуваат на – усрани гулаби.

Се раскокодакале дека парламентарното мнозинство им било стабилно и, види богати, „одговорно кон државата и народот“?! Дека сега не било време за вонредни парламентарни избори, кои „би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции“. Конечно, ќе заклучат „генијалциве“, на државава ѝ била потребна „Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемија и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување“, мислејќи на себе?!

Кој го пишувал соопштениево – секоја чест. Во кратки црти супер прецизно го сублимирал сето она што изборниве губитници – не се. Да беа одговорни кон државата и народот, уште вчера ќе се огласеа со сугестии за нов изборен мегдан во најкус можен рок, откако беа нокаутирани во најважните мечеви – СДСМ во Скопје и во бастионот Куманово, ДУИ во Тетово, плус и двете партии ќе бидат опозиција во советот на главниот град.

Предвремени избори не можат да ја втурнат земјата во нова криза или да ѝ ја закочат евроинтеграцијата од проста причина што државата со нив на чело е во слободен пад веќе петта година, а од ЕУ никогаш не била подалеку. За тоа, пак, колку се кадарни да испорачаат резултати во време на пандемија и енергетска криза зборуваат над седумте илјади починати и 14-те живи изгорени во тетовската болница, како и недозволеното повлекување струја од заедничкиот европски систем, за кое добија и четврта опомена.

Наместо да го напуштат теренот по црвениот картон што им го покажаа граѓаните на општинските избори, одземајќи им го легитимитетот да владеат на државно ниво само една година по победата на парламентарните во крајно сомнителни околности, искаканиве гулапчиња експресно еволуираа во – ноеви. Ја забија главата в песок и се прават дека не ја забележуваат пустинската луња што се заканува да ги збрише од политичката сцена.

Тие би, мртви ладни, да си тераат како досега. Како ништо да не се случило. Да се преправаат дека „сè е исто к’о и лани“.

Додека зад сцената си ги товараат магарињата, немаат ништо против Заев и понатаму да изигрува дворски шут, замајувајќи ја јавноста со вербални бисери и простачки гестикулации. А Груби да раскажува приказни за мали деца дека „само оваа Влада ќе може да ги негува меѓуетничките односи“. Иако во Кичево сторија сè за да ја запретаат искрата надеж за тоа со беспоштедната битка за градоначалник да не стане Македонец со сопруга Албанка.

На толку советници и експерти, никој да си го оправда дебелиот хонорар укажувајќи им дека одложувањето на неизбежното ќе ги чини неспоредливо поскапо по три години отколку сега. Само што Македонија не може да си дозволи да го (до)чека тоа. Посебно не по цунамиво што неподносливо долго ја опустошува.