Тој што мисли дека со уверливиот триумф на опозицијата во првиот круг е готова работата со локалните избори – во заблуда е. „Тешка геостратешка грешка“ би било задоволувањето со освоените градоначалнички и советнички места и очекувањето дека во вториот круг сами по себе ќе си дојдат преостанатите непополнети функции на локално ниво. Демек, дури и тие што апстинираа ќе го јавнат бранот на промените, а по автоматизам и „прелетачите“ ќе се налепат на секогаш привлечното и удобно чувство да се биде на победничката страна.

Таква разврска би можела со голема веројатност да се очекува во стабилни демократии, каде што граѓаните на слободни, фер и демократски избори даваат власт, истовремено одземајќи ја од неспособните и од тие што ги изневериле нивните очекувања. Во хибриден режим со тенденција да премине во тоталитарен, со владејачка клика со сељачко-авторитарни манири, која не ја почитува народната волја ни на референдум, која отворено агитира, поткупува и заплашува дури и за време на предизборен молк, место за опуштање нема.

Македонија и нејзините избирачи си имаат работа со аздисани и бескрупулозни властодршци и на државно, и на општинско ниво, кои нема сами да станат од фотелјите за кои ќе се одлучува помалку од две седмици од сега, туку мора буквално да бидат дислоцирани од нив. Тие што го „преживеаја“ чистилиштето во првиот круг ќе ги употребат сите (не)можни средства за да останат кај што се, зошто многумина од нив се свесни оти набрзо ќе одговараат за сè што (не) сториле.

Противникот е грогиран и во нокдаун, но уште стои на нозе, па дури и се заканува. А кога тоа го прави лично самозамислениот прогресивец од премиер, порачувајќи дека „прогресивниот глас се обединува за вториот круг и влегува во борба за она што со труд, пот и крв го обезбедивме заедно со народот, за оваа наша земја“, треба да му се верува, колку пати и да излажал досега. Влезен во филм небаре е војсководец, а не лидер на партија, муртинецот на привремена работа на „Илинденска б.б.“ уште ќе додаде дека „борбата продолжува, прогресот се обединува, бидејќи злото се заканува!“.

Значи, огромното мнозинство избирачи што не гласаа(т) за неговите пулени ај што ги прогласи за назадни (штом не се прогресивни како нив), уште ги направи и зли! Ваква тешка навреда на отворена сцена за најголемиот дел од (со)граѓаните плаче за да ѝ биде возвратено на најелегантниот можен начин – со пенкало в рака на 31 октомври?

Тогаш е денот Д и за круната на локалните избори – местото градоначалник на Скопје. Може да се освојат и две третини од другите општини, но тоа не е тоа без главниот град, не само поради престижот, туку и поради неспоредливо поголемиот буџет, со кој многу повидливи се конкретните ефекти од работата на првиот човек на градот. Скопјани се на добар пат првпат по осамостојувањето да добијат градска мајка, со што нема да испратат порака само за почитување на рамноправноста на половите, туку и за вреднување на компетентноста на економистката во трка за најзначајната локална функција во државата.

За Арсовска, но и за другите кандидати на опозицијата што ќе трчаат втор круг, од голема, ако не и пресудна важност ќе бидат гласовите од опозицискиот блок на македонските Албанци. Недвосмислена потврда за тоа доаѓа од густо населен дел од скопската населба Ченто со 90 проценти албанско население, каде што убедлива победа однесе – ВМРО-ДПМНЕ! Тоа, пак, најдиректно ја негира сдсмовската теза за коалициската (не)способност на најголемата опозициска партија и претставува влог во промената на власта на национално ниво.

Оттука, еуфоријата итно мора да ѝ го отстапи местото на уште поагилната подготовка за вториот круг. Ако опозицијата се надева на вонредни парламентарни избори, не смее да ѝ дозволи на власта да го ублажи поразот од првиот круг на локалните со (по)добар резултат во вториот, туку мора да ја докрајчи, одземајќи ѝ го легитимитетот и понатаму да владее со државата. Македонија, едноставно, не може да си дозволи понатамошен стрмоглав пад безмалку на сите полиња. Што би рекле кумановци, „дошја нож до коску“.